Роналдо ќе ја добие „Златната топка“ и тоа на спектакуларна локација!

Откако минатиот месец се шпекулираше за наводни индиции дека Лионел Меси ќе ја добие наградата „Златна топка“, сега „Мундо Депортиво“ го пишува спротивното.

Според шпанскиот спортски весник, Кристијано Роналдо е следниот освојувач на престижната награда која ја доделува „Франс фудбол“. И тоа, доделувањето нема да биде обично, туку ќе било на врвот на Ајфеловата кула, пишува „Мундо депортиво“, од рацете на Давид Жинола.

Роналдо досега има четири „Златни топки“ и ако навистина ја добие нареднава ќе се изедначи со Лионел Меси со по пет. Сепак, минатиот месец се појавија написи кои наведуваа на тоа дека повторно Меси ќе го добие ова вредно признание.

Многумина ја поддржаа оваа теорија, со оглед дека Роналдо ја игра најлошата полусезона во својата кариера, со само два гола од 68 удари кон противничките мрежи во Ла Лига. Сепак, тој го предводеше Реал до одбрана на титулата во Лигата на шампионите и тоа веќе му беше доволен аргумент да ја добие наградата „ФИФА Бест“, од светската куќа на фудбалот.