Роџерс си даде отказ во Селтик – ќе го замени 73-годишна легенда на клубот!

Менаџерот на Селтик, Брендан Роџерс, поднесе оставка на својата функција по судирот со Дермот Дезмонд, главниот акционер на клубот, кој го обвини дека бил „егоистичен“ и „човек на поделби“.

Тој се повлече по поразот од Хартс (3:1), по кој „келтите“ заостануваат осум бода зад лидерот во шкотскиот шампионат. Веста за неговата оставка клубот ја објави во кратко соопштение од само 134 збора, без дополнителни објаснувања. Ваквиот начин на објава ги изненади навивачите, иако тензиите меѓу тренерот и управата траеле со месеци. Селтик соопшти дека Мартин О’Нил (73), легендарниот стратег кој го водеше тимот од 2000 до 2005 година, ќе ја преземе улогата на привремен менаџер. Неговиот помошник ќе биде поранешниот фудбалер на клубот Шон Малони, кој до неодамна го тренираше Виган.

Ден по оставката, Дезмонд објави писмо до навивачите во кое остро го нападна Роџерс. Тој наведе дека клубот му понудил нов договор, но дека тренерот го одбил, како и дека сите трансфери биле реализирани со негова согласност.

„Роџерс се грижеше за самопромоција на сметка на другите. Клубот стоеше зад него, но тој не возврати со лојалност,“ напиша Дезмонд.

Тој го обвини поранешниот менаџер дека со своите изјави и незадоволство од трансферите создал токсична атмосфера и предизвикал протести против управата. Интересно, Роџерс пред две недели кажа реченица која денес звучи пророчки.

„Не можете да се тркате ако ви дадат Хонда Сивик и ви кажат – вози ја како Ферари.“

Роџерс, кој во два наврати освои четири шампионски титули со Селтик, го остава тимот на второто место, со биланс од пет победи, два нерешени и два порази – последните два во низа. Неговиот заминување означува крај на едно турбулентно поглавје за клубот. Дел од навивачите го сметаат за жртва на нефункционално раководство, додека други веруваат дека самиот придонел за кризата.