Реми на „Молину“: Погба утна пенал за победа на Манчестер Ј. (ВИДЕО)

Вулфс и Манчестер јунајтед одиграа 1-1 во рамки на последниот натпревар од 2.коло во Премиерлигата. 

„Ѓаволите“ беа поблиску до победата, најмногу бидејќи Пол Погба утна пенал при резултат 1-1 во второто полувреме. Французинот самиот го изнуди ударот од белата точка, па ја презема одговорноста. Голманот на домашниот тим Руи Патрисио го одбрани неговиот удар од 11 метри во 68-та минута. Тоа беше четврти нереализиран пенал од вкупно 11 од стартот на ланската сезона.

Јунајтед својата доминација ја валоризираше во првото полувреме преку Ентони Марсијал во 27-та минута по одличната асистенција на Маркус Рашфорд. Домашните притиснаа на стартот на вториот дел, па Рубен Невеш израмни со спектакуларен гол од далечина во 55-тата минута.