Приоритетот на ПСЖ за летово е – фудбалер на Милан

Францускиот гигант и старо-нов првак Пари Сен Жермен за приоритет за засилување во летниот продолжен и невообичаен преоден рок го има фудбалерот на Милан, 22-годишниот Исмаил Бенасер, објавија француски медиуми.

Од поодамна ПСЖ е заинтересиран за Бенасер, ама според најавите сега „светците“ ќе тргнат во одлучна акција за да го ангажираат, но проблем е тоа што ќе мора да ги убедат „росонерите“ да им го продадат, зашто моментно не може да ја активираат откупната клаузула.

Бенасер дојде во Милан за 16 милиони евра од Емполи, а алжирскиот репрезентативец за една година ја дуплираше својата вредност и сега според договорот има откупна клаузула од 50 милиони евра, но таа ќе почне да важи дури од идното лето.

Тоа значи дека ПСЖ ќе треба добро да го одврзе ќесето, бидејќи Милан веќе одбил неколку понуди од над 30 милиони евра за својот фудбалер.