По одличниот настап на Копа Америка, Хамес Родригез се враќа во Европа

Еден од најдобрите колумбиски фудбалери во поновата историја Хамес Родригез е на пат повторно да заигра во европскиот фудбал откако забележа одличен настап на неодамнешната Копа Америка.

Со својата репрезентација тој стигна до финалето каде загуби од Аргентина, но Хамес покажа дека и една деценија по Светското првенство во Бразил, се уште има магија во своите нозе. Бројни извори тврдат дека тој го раскинал договорот со Сао Паоло и ќе се врати во Европа каде има незавршени работи.

Наводно, најзаинтересиран за него е Атлетико Мадрид кој и во 2019 година сакаше да го донесе во своите редови, но има понуда и од Порто чиј член беше Колумбиецот пред една деценија. Негова последна станица на „стариот континент“ беше Олимпијакос каде играше во сезоната 2022/23, но настапи на само 20 натпревари со пет постигнати гола.