Овермарс призна: Јувентус на чекор да го земе Де Лихт!

Суперталентираниот стопер и капитен на холандскиот великан Ајакс, Матијс Де Лихт е на чекор и официјално да го засили италијанскиот првак Јувентус, призна Марк Овермарс, спортскиот директор на клубот од Амстердам.

Веќе подолго време холандски и италијански медиуми објавија дека Де Лихт е многу близу до договор со Јувентус, иако претходно беше посочен како сигурно засилување на Барселона, која во јануари го купи вториот екстраталент од Ајакс, Френки Де Јонг.

Според Овермарс се чека само на банкарската гаранција за да се заврши трансферот на Де Лихт во Торино, а од кој Ајакс ќе заработи околу 75 милиони евра.

„За трансферот на Де Лихт во Јувентус – многу сме блиску. Се работи само на банкарската гаранција, пред да се официјализира трансферот. Ние сме стриктни по ова прашање и се надевам дека многу брзо ќе се реши ситуацијата. Јас сум убеден дека наскоро ќе имаме официјален договор“, рече Овермарс.