Олимпискиот комитет на Италија му блокираше трансфер на Интер

Претседателот на Интер, Џузепе Марота јавно потврди дека трансферот на израелскиот интернационалец Анан Халаили е пропаднат.

Преминот на 21-годишниот десен бек од Ројал Јунион се сметаше за сигурен, но Италијанскиот олимписки комитет (КОНИ) го забрани трансферот откако фудбалерот не ги помина лекарските прегледи. Ова значи дека „нераѕурите“ ќе мора да најдат замена за заминатиот Дензел Думфрис и покрај тоа што постигнаа договор со белгискиот клуб вреден најмалку 25 милиони евра.

„Тукушто добивме некои вести. Организиравме пристигнување на Халаили, но тој не ги помина лекарските прегледи. Не можам да навлегувам во детали од причини за доверливост. Во Италија, здравствените закони се многу строги. Ова не е одбивање од страна на медицинскиот персонал на Интер, туку од страна на Италијанскиот олимписки комитет. Ова е ситуација на виша сила и едноставно мора да ја прифатиме. Многу ми е жал што морам да ви кажам, оваа вест нè растажува. Сега мора да размислиме за можни алтернативи“, рече Марота на својата прес-конференција по повод почетокот на подготовките на Интер за сезоната.

Шампионот на Италија имаше алтернатива за десен бек во друг домашен клуб, но тоа беше актуелно пред еден месец, а во моментов не се знае какви се околностите.