
Официјално: По 11 години, Алегри се врати на клупата на Милан
На Сан Сиро се враќа по нешто повеќе од 11 години, откако ги водеше „росонерите“ во периодот од 2010 до 2014. Со овој тим ја освои својата прва шампионска титула во Серија А, во 2011 година, а потоа уште пет освои со Јувентус. Со шест трофеи во италијанскиот шампионат, тој е на второто место на вечната листа, зад Џовани Трапатони кој има седум.
„Милан има чест да објави дека Масимилијано Алегри е назначен за нов тренер на екипата. Клубот му посакува топло добредојде и се најдобро на Масимилијано и неговиот стручен штаб“, пишува, меѓу другото, во соопштението од миланскиот клуб.
Алегри доаѓа на местото на Сержо Консеисао со кого синоќа официјално беше раскинат договор, само шест месеци по неговото доаѓање. За време на својот прв мандат на Сан Сиро, Алегри го водеше Милан на 178 натпревари при што оствари 91 победа, 49 нерешени резултати и 38 порази.
Договорот меѓу Милан и Алегри е на две сезони со можност за продолжување на уште една, во зависност од резултатите на тимот во следниот период.