Новинарите нема да ги оценуваат фудбалерите на дуелот Фиорентина - Беневенто

Денеска напладне во 12.30 часот се игра дуелот помеѓу Фиорентина и Беневенто во рамки на Серија А. Натпреварот ќе биде полн со емоции поради смртта на капитенот на „виолетовите“ Давиде Астори, кој почина минатата недела во сон од срцев удар во хотел во Удине.

Домашниот тим подготвува кореографија со која ќе се прости од својот капитен, па очигледно е дека натпреварот нема да биде со типичната желба за победа и борба за бодови. Јасно е дека на „виолетовите“ ќе им биде тешко да одиграат перфектен натпревар поради болката што ја чувствуваат по големата трагедија.

Новинарската асоцијација на Тоскана побара од спортските новинари кои ќе известуваат од дуелот да не ги направат традиционалното оценување на перформансите на фудбалерите. Во Италија, традиционално секој фудбалер што ќе настапи на теренот добива оценка од новинарите за својата игра. Овој пат тие нема да бидат оценувани, бидејќи е јасно дека ова не е типичен натпревар од Серија А. 

Повеќето спортски редакции се согласија на барањето на новинарската асоцијација, па фудбалерите на Фиорентина и Беневенто нема да бидат оценувани за нивната игра денеска.