Несторовски по повредата: Сакам да играм во плејофот, ама...

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски денеска даде гол, асистираше, но Палермо не ја победи Читадела (2-2) во последниот меч од регуларниот дел од сезоната и сицилијанците ќе мора преку плејофот да го бараат последното место за Калчо-елитата.

Дури и да победеше Палермо, Лече не ја пропушти шансата со триумф над Специја со 2-1 да обезбеди место покрај Бреша директно во Серија А. Но, тоа што е проблематично за Палермо е фактот дека Несторовски пет минути пред полувремето се повреди. Повторно има мускулен проблем на ногата, а веќе подолго време прилепчанецот го мачи листот поради кој паузираше два месеци сезонава, а се пожали на болки и го прескокна претпоследниот меч.

Сега останува голема неизвесноста дали Несторовски ќе се рехабилитира за плејофот, ама дали и ќе игра за Македонија во јунските два меча против Полска и Австрија во Скопје. Дополнителните прегледи ќе покажат каков степен на повреда е и колкава евентуална пауза би го чекала Несторовски.

„Повредата? Јас се надевам дека ќе можам да играм во плејофот, сакам да играм, да му помогнам на Палермо. Но, можеби и да не сум подготвен, да не можам да играм. Ако е така мора сите да останеме смирени и да размислуваме дека ќе победиме во тој плејоф“, рече Несторовски.

Капитенот на Палермо ја презема одговорноста за новиот неуспех сицилијанскиот тим да обезбеди директен пласман во Серија А. Лани, Палермо испадна во финалето од баражот во бурни мечеви со Фросиноне.

„Не очекував дека Лече ќе киксне, па нашето реми и не е така разочарувачки. Јас сум разочаран што не ја освоивме Серија Б и не отидовме во Калчото, поради последните три четири недели. Јас ја преземам одговорноста за ова, но сигурен сум дека Палермо ќе игра во Серија А и дека ќе го мине плејофот. Благодарност до навивачите за нивната поддршка“, рече Несторовски.