Нема крај на проблемите на Евертон, Премиер лигата ја блокираше продажбата на клубот

Откако минатиот месец му беа одземени десет бода поради нарушување на правилата од Финансискиот фер-плеј, Евертон се најде во нови проблеми затоа што Премиер лигата ја блокираше продажбата на клубот.

Актуелниот сопственик Фархад Мошири сакаше да се повлече и ако е можно да ги поврати оние 1,7 милијарди фунти колку што потроши во 2016 година кога го купуваше клубот од Ливерпул, но засега тоа не е можно. Заинтересирана за Евертон беше американската компанија „777 Партнерс“ од Мајами која во своја сопственост има уште неколку клубови низ светот, како Џенова, Стандард Лиеж, Ред Стар од Франција, Васко да Гама и Херта. Американците во септември договорија купување на 94% од акциите на Евертон, но постои сериозна опасност зделката да пропадне.

Челниците на Премиер лигата заклучиле дека оваа компанија не е погодна да го купо Евертон иако причините за тоа не се познати. Сопствениците на „777 Партнерс“ не планираат да се откажаат и веќе бараат „дупка во законите“ за да го преземат Евертон, но проблем за нив е тоа што се појавија и други потенцијални купувачи.

Ако се споредат другите клубови кои ги води оваа компанија, на Евертон нема да му дојдат подобри денови. На Стандард не му цветаат рози и минатиот месец навивачите влегоа во војна со фаздите, Херта е на дното од Втората германска лига, Севиља во која имаат акции е во долниот дел од табелата во Ла Лига, а Васко де Гама е трет одзади во Бразил.