Нејмар го пропушта СП? Операцијата била посериозна од планираното!

Нејмар ќе замине во Бразил во следните два дена за да биде веднаш опериран, соопштија од Пари Сен Жермен. Меѓутоа, прашање е дали ќе се рехабилитира на време за Светското првенство (14 јуни).

Најновите тестови укажале дека ситуацијата со повреденото стапало на Нејмар е посериозна од првичните претпоставки и дека тој мора да оди веднаш на операција.

„По испитувањата и со согласност на фудбалерот, решено е дека операција е најдобрата опција. Тој ќе биде опериран во Бразил на крајот од неделава“, соопшти ПСЖ.

Ова беше една од планираните опции и досега, меѓутоа лекарите сметаа дека ќе му требаат максимум два месеца да се опорави, што ќе го направеше фит на време за СП во Русија. Меѓутоа, најновите наоди покажале дека рехабилитацијата ќе оди побавно и дека може да трае и три месеци.

Тоа значи дека Бразилецот ќе биде во вистинска трка со времето и прашање е дали воопшто ќе вреди сето тоа бидејќи и да може да игра, нема да биде ист по тримесечна пауза.

Нејмар се повреди во натпреварот против Марсеј минатиот викенд.