Навредена ѕвезда сака да му се одмазди на Реал и тоа со трансфер во - Барселона!

Откако влезе во кавга со својот тренер како и со навивачите на Реал Мадрид, сѐ поизвесно е заминувањето на Иско од таборот на „кралевите“, а сѐ погласни се и шпекулациите дека од одмазда би можел да потпише за – Барселона.

За 26-годишниот фудбалер од средниот ред колата тргна низбрдо со доаѓањето на Солари на клупата по што неговата минутажа драстично се намали, а кога конечно доби шанса, пред два дена против ЦСКА (0-3) во меч од Лигата на шампионите, тој имаше неколку лоши потези со што го навлече гневот и на фановите на „Сантјаго Бернабеу“ на што лошо реагираше.

Информациите на медиумите блиски во Реал велат дека Иско не добива поддршка ниту од своите соиграчи, по што со една нога веќе е надвор од тимот од Мадрид. Екипи како Манчестер Сити и Челси едвај чекаат да дојдат до неговиот потпис, но деновиве се појави шпекулација дека би можел да заврши во таборот на најлутиот ривал од Каталонија.

„Би сакал да го видам Иско во Барселона. Одличен фудбалер и тоа би бил добар потег за него и за клубот. Свесен сум дека тоа би било тешко и дека е речиси невозможно управите на овие два тима да седнат на маса и да разговараат, но зошто да не се случи и тоа“, изјави Ривалдо, поранешната легенда на екипата од „Камп Ноу“.

Без разлика што преминот на Иско во Барса во моментов не е најреална опција, тоа секако би била негова најдобра одмазда како за тренерот Солари така и за соиграчите и навивачите кои му свртеа грб кога му беше најтешко.