„Наполи скудетото го загуби во хотел, а не на терен“

Наполи четири кола до крајот на првенството се врати во трката за скудетото по победата во Торино против Јувентус и сите помислија дека наполитанците се печени за шампиони сезонава, но наместо радост ќе мора сега да му честитаат на најтрофејниот клуб за седмата титула во низа.

Наполи практично сам се победи, иако имаше на хартија полесен распоред од Јувентус, но „старата дама“ покажа вистински карактер кога беше најпотребно, па синоќа во Рим ја прослави и шампионската титула, откако четири дена претходно на истото место го освои и Купот за да комплетира четврта „двојна круна“ во серија .

Тренерот на Наполи, Маурицио Сари по загубената битка за круната изјави дека наполитанците истата не ја загубиле на терен, туку во хотелот во Фиренца (0-3 од Фиорентина) затоа што фудбалерите не легнале на време пред тој дуел кој сите го сметаа дека е „лесни три бода за Наполи“.

„Јасно е дека Јуве е помоќен во секој поглед. Но, јас не ги гледав доволно за да можам да кажам дали биле најдобри. Сепак, ние таа вечер во Фиренца требаше да одиме порано в кревет. Тимот претрпе психолошки удар поради начинот на кој дојде до тој пресврт (Јувентус со неверојатен пресврт го победи Интер вечерта пре дуелот на Наполи во Фиренца – н.з.) и неговиот тајминг. Затоа, само за едно жалам што оваа сезона ние ја загубивме во хотелот, а не на теренот. Загубивме три меча и после секоја од нив ремизиравме на следниот. Екипата е на некој начин осетлива и ранета. Ќе мора многу повеќе да работиме“, рече Сари.

Тренерот на наполитанците не откри дали останува или заминува, туку најави разговор со првиот човек Аурелио Де Лаурентис.

„Тоа што можам да кажам дека многу го сакам овој град и навивачите и тоа никогаш нема да се смени, без оглед како ќе заврши приказната“, посочи Сари.