Најскапите дресови на светот: Некои се ѝ грди, ама да ги имате ви треба – (над)просечна плата (ФОТО)

Фудбалските фанатици не штедат пари за да купат дресови од своите омилени клубови, па практично голем дел од приходите на клубовите се должат и на продажбата на тие дресови секоја година и некои имаат вредност од дури и надпросечна плата за македонски услови.

Ова се десетте најскапи дресови кои може да се најдат на пазарот, станува збор за дресови кои ги носеле европските гиганти во минатото, некои изгледаат и многу смешно, па и грдо, ама имаат цена за која најмалку треба да одвоите 300, а најмногу 600 фунти, што надминува и просечна плата во Македонија за да дојдете до еден ваков дрес.

Нормално над овие дресови на разни акуции се појавуваат и дресови од светските легенди кои се продаваат и достигнуваат вртоглави цени, но во моментов, овие дресови кои не се на аукција, а се достапни на пазарот, држат неверојатна цена особено гледано од македонска перспектива и наш стандард.

Најевтин од „златната десетка“ е дресот на Јувентус од сезоната 1997/98, кој го носеа Алесандро Де Пјеро, Зинедин Зидан, Филипо Инѕаги. Розевиот дрес за стогодишнината од постоењето на клубот со реклама „Сони“. Вреди 299,99 фунти (20,778 денари).

Следен со иста цена од 20.778 денари (299,99 фунти) е дресот на Борусија Дортмунд една сезона пред тој на „старата дама“, 1996/97, со кој „милионерите“ стигнаа до својата европска круна. Дизајниран е од Најк во традиционалните бои – жолто-црна.

Осми на листата е дресот на Ливерпул, ретро дрес на Адидас од 1989/90, т.е. од сезоната кога последен пат шесткратниот европски првак ја освои шампионската круна на Островот. Со „Кенди“ спонзор, дресот што го носеа Јан Раш, Џон Барнс и останатите е еден од најбараните ретро дресови. Цената му е 349,99 фунти (24,229 денари).

Со иста цена од 24,229 денари (349,99 фунти) како ливерпуловиот е и дресот на лондонски Челси од сезоната 1986/87, кој интересно е дизајниран од самиот клуб, а не од големите корпорации за спортска опрема.

Шести на листата е дресот на Интер од сезоната 1997/98, кој „нераѕурите“ најчесто го носеа во европските мечеви. Сино-црн, но со вертикални линии, со грбот во позадина и со спонзорот „Пирели“, беше дрес кој го носеше и бразилската легенда Роналдо. Цената му е 374.99 фунти (26.008 денари).

Петти на листата е дресот на лондонски Арсенал и тоа од сезоната 1990/91, со иста цена како и тој на Ливерпул (26.008 денари, 374,99 фунти), кој според дизајнот од оваа перспектива, поовина не би го ни облекле. Арсенал веќе пушти вакви реплика дресови, кои не се покажаа така популарни, но една од легендите на „топчиите“, Ли Диксон по ниту една цена не сакаше да продаде ваков дрес кој го имал на навивач што нудел „богатство“.

За дресот на Милан од сезоната 1999/2000 со кој не успеаа да ја одбранат шампионската титула, во традиционално црвено-црна комбинација на Адидас има цена од 399,99 фунти (27.706 денари)

Трет најскап светски дрес е необична комбинација на Манчестер јунајтед – син дрес од сезоната 1986/87. Ова е третата комбинација на дресот од таа сезона, инаку прва на сер Алекс Фергусон како менаџер на „црвените ѓаволи“. Со овој дрес Јунајтед победи на „Енфилд“ во дербито со Ливерпул со 1-0 во таа сезона, а е дрес на Адидас со спонзор „Шарп“. Цената е 449,99 фунти (31.143 денари).

Со иста цена е и дресот на Наполи од последната сезона на Диего Армандо Марадона, сезоната 1990/91, дрес кој е дизајниран за шампионската генерација која една сезона претходно го освои „второто скудето“. Повторно 31.143 денари (449,99 фунти).

Најскап дрес е тој на Барселона од сезоната 1991/92, во портокалова варијанта, дрес со кој Каталонците ја освоија својата прва европска круна против Сампдорија во таа 1992 година, дрес кој го носеа Роналд Куман, Пеп Гвардиола и останатите ѕвезди во тој момент. Цената „мало богатство“ - 599,99 фунти (41.508 денари).