На Пирло му се одбројани деновите: Новиот тренер на Јуве веќе е во Торино! (ФОТО)

Очигледно на „фудбалскиот Моцарт“, Андреа Пирло, кој сезонава дебитираше во тренерските води и тоа неуспешно како кормилар на Јувентус му се одбројани деновите во најтрофејниот италијански клуб, зашто новиот тренер е веќе во Торино и практично пред промоција.

Медиумите на Апенините го фатија бившиот кормилар на Јувентус, Масимилијано Алегри на состанок со координаторот за спорт во „старата дама“, Федерико Керубини и тоа беше доволен сигнал за нив да најават кам-бек на бившиот кормилар на клупата на местото на Пирло.

Наводно Алегри е заинтересиран да се врати, откако си замина за да му отвори место на Маурицио Сари пред две години, но сега бившиот тренер сака поголеми ингеренции и единствен услов кој нема врска со финансискот дел е да добие улога на менаџер, како во англиската Премиерлига, односно тој да решава за сѐ во спортскиот дел, посебно за трансферите. И наводно, Јувентус таа желба ќе му ја исполни.

Алегри беше тренер на Јуве од 2014 до 2019 година, кога освои пет „скудета“, а четири двојни круни. Инаку во Торино дојде од Милан, а плус има и две финалиња во ЛШ, кои ги загуби – од Барса во 2015 и од Реал Мадрид во 2017 година. Тој на 271 меч со „старата дама“ запиша 191 победа.