Миовски го пропушта гостувањето кај Барса поради повреда на коленото

По двата гола за македонската репрезентација во воведните два меча од квалификациите за Светското првенство, напаѓачот Бојан Миовски ќе го пропушти првиот следен меч за Жирона во Ла Лига.

Каталонскиот тим попладнево, од 16:15 часот гостува кај Барселона на Монжуик, но ќе биде драстично ослабен со неиграњето на неколкумина фудбалери, меѓу кои и Миовски. Според информациите од Жирона, македонскиот репрезентативец има повреда на коленото, но нема детали дали се работи за нешто сериозно што евентуално би го оставило подолго време надвор од терените.

Жирона е во лоша серија во шпанското првенство, во претходните шест кола три пати ремизираше и три пати загуби, а последниот триумф е од 3 февруари кога на домашен терен го совлада Лас Палмас со 2-1.