Милан со „петарда“ ја завери „визата“ за Лига на Европа (ВИДЕО)

Милан петта сезона по ред не е помеѓу најдобрите пет тима во Серија А, но сепак успеа да обезбеди настап во Лигата на Европа, откако со 5-1 ја совлада Фиорентина. 

„Росонерите“ ја завршуваат сезоната на шестото место иако пред почетокот сонуваа пласман во Лигата на шампиони. Денеска со стил ја затворија сезоната против очајната Фиорентина, која имаше еден блесок на цел натпревар и тоа и донесе водство од 0-1.

Леонардо Бонучи погреши на средината од теренот, Федерико Киеза мајсторски го проигра Џовани Симеоне, кој пак со лоб успеа да го матира Џиџио Донарума. Тоа беше единствениот посериозен напад на гостите во текот на целиот натпревар, но Милан брзо одговори. По само три минути го израмни резултатот преку Хакан Чалханоглу од слободен удар.

Турчинот потоа му асистираше на Патрик Кутроне за пресврт и водство од 2-1, резултат кој гласеше по првото полувреме. Никола Калиниќ, Патрик Кутроне и Џакомо Бонавентура погодија уште по еднаш во вториот дел за конечни 5-1 за Милан.

СПАЛ со победата од 3-1 против Сампдорија обезбеди опастанок во Серија А, како и Калјари по победата од 1-0 против Аталанта, а елитата ја напушта Кротоне, кој очекувано загуби на гостувањето кај Наполи со 2-1. 

Удинезе со 1-0 беше подобар од Болоња, а со истиот резултат Киево го совлада Беневенто.