Мане: Баерн Минхен е вистински клуб за мене и тоа во – вистинско време!

Сенегалскиот репрезентативец, Саудио Мане, е веќе нов фудбалер на Баерн Минхен, каде што доаѓа од тимот од Ливерпул за трансфер од 35 милиони фунти, кој се очекува да биде официјализиран во еден од следните денови.

Фантастичниот напаѓач веќе е во Баварија во својот нов тим, а денеска првпат проговори за очекувањата од новата средина.

„Кога мојот менаџер првпат ми кажа за интересот на Баерн, бев воодушевен, бидејќи веднаш се видов себеси во овој тим. За мене ова е вистинскиот клуб во вистинско време. Имав и други понуди, но во исто време чувствував дека Баерн е вистинскиот избор, бидејќи е еден од најголемите тимови во светот и секогаш се бори за трофеи“, изјави Сенегалецот за „Билд“.

Мане воедно даде коментар и за тоа дали сака го има Роберт Левандовски за свој партнер во нападот во следнава сезона.

„Јас не сум фудбалер кој се фокусира на такви работи. Тука сум поради Баерн и неговите резултати. Ќе направам се за да придонесам за освојување на нови трофеи“, додаде досегашната ѕвезда на Ливерпул.