Лопетеги: Три недели лоша среќа ми ја уништија кариерата во Реал Мадрид

Хулен Лопетеги минатото лето дојде во Реал Мадрид како човек кој требаше да започне нова ера на „кралскиот клуб“ по заминувањето на Зинедин Зидан, но само четири месеци подоцна беше брутално избркан по слабите резултати со најтрофејниот шпански клуб.

Лопетеги потпиша со Реал на два дена пред стартот на СП, па поради својот непромислен потег доби клоца од клупата на „црвената фурија“. Но, не додржа ни пола сезона во Мадрид, пред Флорентино Перез да го избрка откако Реал доживеа бламажа со 1-5 во Барселона. Тој доби отказ на крајот на октомври, после само десет меча во Ла Лига.

„Имавме добар старт на сезоната, игравме некои одлични мечеви. И потоа се случија тие три недели на „лоша среќа“ во мечеви на кои бевме подобри, ама не дававме голови пред голот. Такви работи му се случуваат на секој тим, но јас и сите во клубот мислевме дека работите може да се свртат. Сепак, на крајот тие три недели ја уништија мојата кариера во Реал Мадрид“, вели Лопетеги.