Лион официјално поднесе две тужби против Лига 1

Лион е клубот што најмногу протестира откако Лига 1 реши да го прекине првенството и да го прогласи ПСЖ за шампион на Франција. За конечни беа земени пласманите остварени до последното одиграно коло (28).

„Лавовите“ на конечната табела се најдоа на седмото место и со тоа останаа без пласман во европските купови за прв пат по 24 години. Клубот ќе забележи сериозни финансиски загуби, но ја загуби и шансата на терен да се избори за повисок пласман, па затоа реши да ја тужи Лига 1.

Претседателот Жан-Мишел Ола вели дека парите не се приоритет на Лион туку спортскиот аспект и дека клубот поднел две тужби.

„Размислувавме долго за ова. Бордот на директори на Лион реши да ги поднесе тужбите. Парите не ни се најважни. Ова е клуб кој почна од дното и стигна до врвот. Прво побаравме да се разгледа можноста фудбалот да се врати во Франција, а втората тужба е поради начинот на кој беше прекинато првенството и како беа одредени конечните пласмани“, вели Ола.