Лидс почнал преговори за нов договор со Алиоски: Џани е играч со - голема страст!

Англиски Лидс започнал преговори за нов договор со македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, чија актуелна соработка истекува на крајот на оваа сезона, објави Фил Хај, новинар на весникот „Атлетик“, а менаџерот Марсело Биелса го испофали левиот бек дека е фудбалер кој игра со голема страст.

Алиоски во Лидс дојде во летото 2017 година од швајцарски Лугано, па стана омилен меѓу навивачите и соиграчите, зашто знае добро да ги орасположи со некоја лудорија, а македонскиот репрезентативец веќе собра над 100 настапи за клубот и после пласманот на Европското првенство догодина, многу легенди веќе посочуваа дека Лидс експресно треба да го врзе македонскиот фудбалер со нова соработка.

Менаџерот на Лидс, Марсело Биелса после ремито со Арсенал на кое Алиоски го изнуди црвениот картон за Николас Пепе, посочи дека макеоднскиот фудбалер игра секогаш со голем ентузијазам, со голема страст и секогаш ги користи своите ресурси за да биде исклучително ефективен.

„Ништо не е различно кај Џани, зашто тој можеби ги користи сите ресурси, кои јас на пример не ги приметувам, а можеби сте во право (новинарите го прашаа за способноста на Џани да им влезе на противниците под кожа, па и да ги извади од такт – н.з.). Јас тоа што го приметувам кај Џани е дека е фудбалер полн со ентузијазам, еден фудбалер кој секој момент на теренот го игра со огромна страст. На пример денешниот дуел со Пепе беше многу тежок, а крилото Нелсон исто е фудбалер кој може да ве извади од рамнотежа. Ама, во таа смисла јас го видов Џани како многу ефикасен на теренот“, посочува Биелса.

Оттаму новиот договор што сега Лидс му го нуди, најверојатно со подобрени услови, не треба да биде изненадување, зашто откако Алиоски е во клубот, тој игра важна улога посебно под палката на Биелса, па лани стигнаа до промоција во Премиерлигата. Алиоски во првата сезона даде седум гола на 42 меча, следната повторно имаше седум гола на 44 меча, а минатата сезона даде пет на 39 меча.

Ако се додаде дека е мајстор за атмосфера, дека Биелса знае да го искористи и како крило, потпишувањето на новата соработка на радост на навивачите веројатно ќе биде многу брзо официјализирана.