Клоп бесен на телевизиите: Вие сте виновни за сѐ што ни се случува!

Јирген Клоп, тренерот на актуелниот англиски шампион Ливерпул, кој во моментов има најголем број повредени фудбалери, по синоќешниот триумф против Лестер (3-0) жестоко удри по – телевизиите.

Тој потенцира дека поради нив фудбалот сезонава станал пекол за играчите, но и за сите останати кои активно учествуваат во натпреварувањата ширум планетата.

„Ако продолжиме да играме преку недела во европските натпреварувања, а преку викенд во домашните, не сум сигурен дека ќе ја завршиме сезоната со 11 здрави фудбалери. Знам дека вас не ви е грижа за тоа, а тоа е и најголемиот проблем во светскиот фудбал“, рече Германецот во директното обраќање кон британските телевизии „Скај спортс“ и „БТ спортс“.

Оваа изјава на Клоп беше дадена веднаш по средбата со Лестер, но не беше емитувана на ниту една британска телевизија. Јавноста дозна за неа дури откако американската ТВ-куќа НБЦ ја емитува, по што стана вирална.

Британските телевизии годишно даваат милијарди фунти за ТВ-права и инсистираат сите натпревари да се одиграат според предвидениот план и тоа во сите натпреварувања, со цел да си ја вратат инвестицијата. Без разлика што е тоа погубно за здравјето на фудбалерите во време на пандемија со коронавирусот.