
Катарскиот газда на ПСЖ тврди дека Мбапе во ПСЖ не останал поради многуте пари!?
Како што објавуваа француски и европски медиуми, ПСЖ ќе го наполни Мбапе со богатство од дури пола милијарда евра во следните три години, ама според Ал Келаифи тоа не било клучно за репрезентативецот на „триколорите“ да остане и да го избере ПСЖ пред Реал Мадрид, со кој три дена претходно сѐ имаше договорено.
„Парите не беа најважното нешто поради кои Килијан Мбапе остана. Има еден друг клуб во Шпанија кој може да плати и повеќе од нас. Тоа што беше најважно за Мбапе беше спортскиот проект и тој пресуди за неговото останување. Јас ветив дека ако го задржиме Мбапе, ќе донесеме уште други ѕвезди“, рече Ал Келаифи.
Ла Лига најави тужба за „случајот Мбапе“, а првиот човек на шпанската елита Хавиер Тебас го нарече Ал Келаифи – поопасен и од Суперлигата.
„Не ме интересира што вели Тебас. Можеби е загрижен што Лига 1 станува посилна од Ла Лига. Ла Лига не е повеќе истата како пред три-четири години. И ние го имаме Мбапе, тој остана со нас, сѐ друго е небитно“, додаде Катарецот.