Кансело е подготвен на голем компромис, само да се врати во Барселона

Раководството на Барселона ќе го искористи патувањето на тимот во Саудиска Арабија за Суперкупот на Шпанија за да одржи неколку клучни разговори.

Се очекува спортскиот и техничкиот персонал многу брзо да одлучи дали да го врати португалскиот интернационалец Жоао Кансело, објавува „Мундо Депортиво“. Ако биде донесена позитивна одлука, делегација на клубот ќе преговара на лице место со Ал Хилал за негова позајмица. Како што е познато, Португалецот сака да го напушти саудискиот клуб, каде што играше многу малку откако се врати од повреда. Според „Мундо“, Кансело е многу заинтересиран да се врати во Барселона и е подготвен да се откаже од значителен дел од својата солидна плата во Ал Хилал.

Аквизицијата на Кансело изгледа изводлива, иако Португалецот заработува речиси 15 милиони евра нето по сезона, што сега би било преполовено поради тоа што се работи за средина од натпреварувачката кампања. Многу е веројатно дека доколку се врати во Барселона на позајмица, Ал Хилал ќе покрие и дел од неговата отштета, но и Кансело е подготвен да помогне и да игра за четвртина од таа сума.

Сепак, приоритет на Ханси Флик е да привлече централен дефанзивец кој се служи со лева нога, но бидејќи пазарот во моментов не нуди таков што ги задоволува потребите на тренерот и финансискиот фер-плеј на клубот, ќе биде потребно да се процени дали дефицитот може да се покрие со веќе етаблираните Жерард Мартин, Пау Кубарси, Ерик Гарсија и евентуалното враќање на Роналд Араухо во блиска иднина.

Евентуалното доаѓање на Кансело би можело да помогне и за обезбедување поголема конкуренција на крилните позиции, како и за користење на Жил Кунде во центарот на одбраната кога е потребно. Португалецот веќе беше член на Барселона, во сезоната 2023/24 и тогаш како позајмен играч, но од Манчестер Сити.