Историски бизнис на Бенфика – го продаде за 126 милиони, а го враќа за 25 милиони!

Португалскиот репрезентативец, Жоао Феликс, е на чекор до сензационално враќање во редовите на Бенфика, клубот каде што ја започна својата професионална кариера, откако е постигнат договор со неговиот сегашен тим Челси во трансфер вреден 25 милиони евра.

Официјализацијата до крајот на неделата, а можно е тој веќе во сабота да настапи за Бенфика на дуелот од „Купот Еузебио“ против Фенербахче. Феликс (25) беше рекордната аквизиција на Атлетико Мадрид, кој во јули 2019 година плати 126 милиони евра за неговиот потпис, а сега португалскиот гигант го враќа назад за 101 милион евра помалку. Фудбалерот во меѓувреме настапуваше за Челси, Барселона и Милан, но не успеа да се наметне ниту во еден од тие клубови. Последните шест месеци ги помина како позајмен играч во Милан, каде на 23 натпревари постигна три голови и забележа една асистенција.

По враќањето во Челси, англискиот клуб реши да не смета на него во иднина. За репрезентацијата на Португалија, Феликс има 45 настапи и девет постигнати голови.