Ибрахимовиќ не доаѓа во Милан: Неговата замена нема да им се допадне на навивачите

Милан ќе мора сериозно да се засилува во јануарскиот преоден рок со оглед на огромниот број повреди кои го потресоа клубот во првиот дел од сезоната. 

Бројот на повредени фудбалери можеби и не е така голем, но проблемот за „росонерите“ што се повредија клучни играчи како Џакомо Бонавентура, Лукас Билја, Матео Мусакио, Матија Калдара и Алесио Ромањоли и тие со месеци ќе бидат надвор од терени. Ромањоли би требало да биде фит до крајот на годината, но сезоната за Бонавентура е завршена.

Златан Ибрахимовиќ беше приоритет број 1 на Милан за зимава, но се чини дека по последните информации голгетерот ќе остане во МЛС-лигата во тимот на Лос Анџелес галакси. Последните шпекулации во италијанските медиуми велат дека нова опција за трет напаѓач на „росонерите“ е Марио Балотели. Италијанецот има историја во дресот на миланскиот тим и играше сосема солидно, но на крајот не си замина во најдобри односи со навивачите.

Неговиот агент Мино Рајола го понудил во Милан, а Леонардо сериозно размислува да му даде шанса на Италијанецот иако во Ница сезонава игра очајно. На стартот на сезоната беше исфрлен од тимот поради вишок килограми. Можеби добра вест е што Балотели би дошол без обештетување на „Сан Сиро“, а Гатузо би го користел како трет напаѓач, односно замена за Патрик Кутроне и Гонзало Игуаин.

Сеск Фабрегас и натаму е фаворит број 1 да го засили средниот ред на Милан и да биде замената за повредениот Лукас Билја, со оглед на неговиот статус во Челси и фактот дека договорот му истекува во јуни 2019 година. Неговиот спонзор ПУМА исто така притиска Шпанецот да се пресели во редовите на Милан и тоа уште во јануарскиот преоден рок.

Во дефанзивната линија, каде тимот има најмногу повредени фудбалери една од главните цели е Родриго Кајо, кој игра за Сао Паоло во Бразил. Милан зимава ќе ги засилува сите линии во тимот со цел да го задржи четвртото место на табелата и конечно да се врати во Лигата на шампиони.

Засега сигурно е дека Лукас Пакета ќе го засили Милан оваа зима, кој доаѓа од Фламенго за 35 милиони евра.