Гвардиола: Можеби сме слични со Мурињо, но тој освои три, јас шест титули во Премиерлигата!

Пеп Гвардиола се наоѓа во ситуација во која не бил претходно, Манчестер Сити нема победи на седум натпревари по ред од кои шест се порази.

На последниот натпревар на Манчестер Сити, при поразот од Ливерпул, Гвардиола имаше гест кој не е типичен за него. Фановите на Енфилд му пееа дека ќе добие отказ наутро, а тој им врати со шест прста покажувајќи колку титули има.

На вчерашната прес-конференција, новинарите му посочија дека полека се претвора во Жозе Мурињо кој исто така покажуваше со прсти колку титули има освоено.

Новинарот кој го постави прашањето исто така потсети дека во тој момент почнал крајот на „специјалниот“ на кормилото во Манчестер јунајтед, а на ова Пеп Гвардиола даде брутален одговор.

„Има една голема разлика, тој освои три титули, јас освоив шест титули!“, вели Пеп Гвардиола.

„Но да, во реакцијата сме слични. На нашите навивачи треба да им покажеме дека сме многу, многу подобри од луѓето кои пееја такви песни (навивачите на Ливерпул кои пееја „Утре ќе добиеш отказ“).

„Гестот беше само за нашите навивачи да знаат дека она што го имаме направено е извонредно. Сакам да им докажам дека сме неверојатен клуб. Порано или подоцна ќе дојде крајот, но ќе се обидам што е можно подолго да носам успеси за овој клуб“.

Очигледно е дека Пеп ги губи нервите, по ремито со Феенорд во Лигата на шампионите тој сам се повреди по главата и лицето.

„Никогаш не сум бил смирен. Победувавме па затоа не бев нервозен. Но кога губите, друга е ситуацијата“.