„Газета дело Спорт“ го претстави Елмас: Бејби-фејс кој станува ѕвер кога ќе излезе на терен!

Најугледниот италијански спортски весник „Газета дело Спорт“ со наслов „бејби фејс кој станува твер на теренот“ ѝ го претстави макеоднскиот бисер Елиф Елмас на италијанската јавност, посочувајќи дека Карло Анчелоти купил перфектен играч за неговиот тим.

Угледната „Газета“ во својот текст за доаѓањето на Елмас, кој претпладнето вчера ги мина лекарските прегледи во Рим, а вечерта стигна во тренинг-кампот на наполитанците, пишува како Елмас брзо се развил во фудбалер, кој на 19 години стигна до плата од 1,3 милиони евра, а трансфер од 16 милиони евра.

„Тој беше на Миконос, кога дозна дека работите со Наполи брзо се развиваат и дека неговата следна дестинација ќе биде Неапол. Елмас сѐ уште е тинејџер, има само 19 години, но кога ќе излезе на теренот тој е вистински ѕвер. На 'Шукру Сарачоглу' (стадионот на Фенербахче – н.з.) или ќе пораснете или нема да играте. А, Елмас... Елмас порасна брзо“, пишува „Газета“.

Италијанскиот весник додава дека Наполи и спортскиот директор Кристијано Џунтоли во изминатиот период откажале сѐ, само за да се концентрираат на „истанбулската операција“, зашто за Елмас долга била листата на заинтересирани клубови.

„Македонецот го следеа многу клубови, а меѓу нив и Бепе Марота, првиот човек на Интер, кој се јавувал и кај Горан Пандев. Но, „нераѕурите“ се решија за Барела и Сенси, па Наполи излезе во преден план. И тоа поради Карло Анчелоти, кој ја брзаше работата. Брзо го виде потенцијалот на Елмас, како што тоа го стори со Фабијан Руиз лани. Затоа и спортскиот директор Џунтоли ги откажа сите други работи за да се концентрира на турските преговори. Елмас, пак, беше убеден да го избере Наполи, само поради гаранциите што ги има од клупата предводена од Анчелоти“, додава угледниот весник.

За крај, весникот посочува дека Елмас е фудбалер кој може да игра каде ќе посака во средниот ред.

„Елмас има кратка кариера, зашто нема ни полни 20 години, но досега покажа дека може да игра на многу различни позиции. Може да биде плејмејкер поради извонредната техника, може да биде и последен играч за врска, може да игра во пар во средниот ред. Има мек допир, одлична контрола, умее да одигра на долги топки, да оди во напад...Сето тоа многу му се допаѓа на Анчелоти, зашто сега има извонредно трио со Зиелински и Руиз, па може да ги ротира на теренот по позиции што може да им прави сериозни проблеми на противниците. Карло и соработниците сега на Елмас ќе му помогнат брзо да порасне, да игра на два допири, иако момчето е заљубено во топката, што е квалитет плус“, завршува „Газета“.