Гатузо се договори со друг калчолигаш, Елмас ќе добие нов тренер во Наполи

Тренерот на Наполи, Џенаро Гатузо следната сезона нема да го предводи тимот во кој настапува македонскиот репрезентативе Елиф Елмас, затоа што наводно се договорил со Фиорентина.

Во претходните денови се шпекулираше дека може да се случи вакво нешто, а Гатузо сега наводно договорил двегодишна соработка со Фиорентина, со можност да го продолжи договорот на уште една година, додека платата ќе му биде два милиони евра по сезона.

Гатузо има договор со Наполи до крајот на сезоната, а поради тоа што не доби понуда од Аурелио Де Лаурентис, италијанскиот тренер реши да си ја побара среќата на друго место.

Наполи во моментов се бори за топ-4 позициите во Серија А, кои ќе му овозможат настап во Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона.