Фудбалот е многу близу „да се врати дома“: Англија закажа финале со Италија (ВИДЕО)

Англија се пласираше во големото финале на Европското фудбалско првенство откако вечерва на „Вембли“ во Лондон ја совлада Данска со 2-1 во продолженијата. 

Данците први поведоа со прекрасниот гол на Микаел Дамсгард во 30.минута, кој погоди од слободен удар, што воедно беше прв од вакква позиција постигнат на турнирот. Ревијата автоголови на ЕУРО 2020 продолжи и вечерва, бидејќи Симон Кјаер си ја затресе сопствената мрежа во 39.минута. Тоа беше 11-ти автогол на континенталниот турнир. 

Во второто полувреме Англија беше подобрата репрезентација, а кај Данска најдобар играч беше голманот Каспер Шмајхел. Тој имаше две-три добри интервенции па натпреварот отиде во продолженија. 

Хери Кејн погоди во 104.минута за 2-1. Англија доби пенал по продорот на Рахим Стерлинг, а капитенот на „гордиот албион“ не погоди, односно Шмајхел одбрани, но топката повторно се одби до него за да ја смести во мрежата. До крајот на продолженијата Данците едноставно немаа сили за израмнување или некаква сензација и мораа да се помират со поразот. 

Големото финале помеѓу Англија и Италија е закажано за во недела, 11 јули, на „Вембли“ во Лондон.