„Елмас сакаше во Наполи, па затоа го убеди Фенербахче за рекордно да го продаде“

Менаџерот на македонскиот бисер Елиф Елмас, Џорџе Гарди објави дека желбата на суперталентираниот фудбалер за врска да дојде во Наполи практичлно ги натерало челните луѓе на Фенербахче рекордно да го продадат и да му дозволат да дојде под Везув. Гарди во интервју за италијанските медиуми откри интересни детали, објаснувајќи дека цел месец траеле преговорите за на крај успешно да завршат.

Елмас пред четири дена потпиша петгодишен договор со кој ќе заработи 7,5 милиони евра, а неговиот трансфер од Истанбул вреден 16 милиони евра плус три милиони во бонуси е рекорден за Фенербахче, а исто така и рекорден за еден македонски фудбалер во историјата.

„Многу беа долги преговорите. Прво Фенербахче не сакаше да го продаде, но Елмас го сакаше Наполи и таа негова желба ги деблокира преговорите. Убеден е дека во Неапол ќе расте, ќе напредува и - ќе успее! Многу брзо беше инфициран од страста на наполитанците, а сега ова што се случува (со дочекот – н.з.) му дава уште поголем мотив. Точно е дека Карло Анчелоти беше клучен за доаѓањето, ама Елмас и сакаше да соработува со него. Ние уште на 15 јуни имавме состанок со Елиф и со неговото семејство и тогаш официјално почнаа преговорите. Имаше интерес и од претходно, но од тој датум почна работата да се конкретизира и на крај да се материјализира. Многу други понуди имаше за него, ама Елмас го сакаше само Наполи“, вели Гарди.

Менаџерот на македoнскиот бисер посочи дека младиот фудбалер веќе забрзано учи италијански, дека е „манијак“ за да успее и дека целото семејство сега ќе се пресели во Неапол.

„Во Турција има неверојатна страст кон фудбалот, Елиф беше идол на навивачите, но се реши за Наполи поради топлината, ама и желбата да победи во Италија. Елиф има несекојдневна култура на работа – постојано сака да се подобри. Тој едноставно сака да биде на врвот на европскиот фудбал. Живее 24 часа со фудбалот и сега овој подарок со Наполи го тера да биде уште подобар. Тој е 'манијак' за тренинзи. Видете учи италијански и не е задоволен од досега сработеното. Сака толку брзо да научи за да може да има течна комуникација со сите. И на крајот потегот на Де Лаурентис, кој не поздрави со голем ентузијазам и беше многу љубезен е потег кој Елмас го направи уште посреќен. Тој тоа присуство на првиот човек го почувствува и виде дека целото раководство е среќно, дека е во едно големо семејство, каде ги има сите услови да напредува“, додава Гарди.