Дортмунд бара нов тренер: Екс-тренер на Баерн ќе го замени Фавре на клупата?

Борусија Дортмунд не успеа да ја направи суперинтересна завршницата од Бундеслигата, па вчерашниот пораз од Баерн Минхен, практично му ја закачи новата шампионска ѕвездичка на најтрофејниот клуб во Германија, а на „Сигма Идуна Парк“ со тоа по се изгледа завршува една ера.

На шест кола до крајот тешко е за верување дека Баерн ќе прокоцка седум бода предност и тоа под услов Дортмунд да победи сè, а после овој пораз германските медиуми најавуваат заминување на актуелниот тренер Лусиан Фавре, кој од 2018 година е кормилар на „милионерите“.

„Многумина тоа го зборуваат, јас не читам весници, но знам што се случува. Во следните недели ќе објавам соопштение, засега сум мирен и продолжувам да верувам во себе“, вели Фавре.

Германски „Билд“ веќе најави дека најверојатно клупата ќе му биде понудена на Нико Ковач, бившиот тренер на Баерн Минхен, кој беше сменет минатата година, а е екс-кормилар на Ајнтрахт Франкфурт. Вакво нешто најави и легендарниот Лотар Матеус, како ко-коментатор за време на мечот.