Димитриевски испи пивце од Меси, вечерва ќе се обиде сѐ да му одбрани!

Македонската „единица“ Столе Димитриевски беше еден од 190-те голмани во светот кој примил најмалку еден гол од аргентинската суперѕвезда Лионел Меси, па доби пивце од Бадвајзер за рекордот на фудбалерот на Барселона и вечерва повторно ќе се соочи со него во Кралскиот куп (21 часот).

Димитриевски единствениот гол од Меси го прими пред скоро две години, на 9 март 2019 година, кога Аргентинецот му даде гол од пенал во триумфот со 3-1 во Ла Лига. Откако Меси постави нов светски рекорд за број на голови за еден клуб, надминувајќи го легендарниот Пеле, Бадвајзер направи кампања и ги почести сите 190 голмани кои во тој рекорд примиле погодоци од ѕвездата на Барса, меѓу нив и нашиот прв чувар на мрежата.

Сега Димитриевски повторно ќе се соочи со Меси, кој е најавен дека се враќа во тимот, а овојпат македонскиот голман ќе се обиде сѐ да му одбрани, па дури и Рајо Валјекано да го однесе во четвртфиналето, откако сезонава во Кралскиот куп веќе се случија две сензации, елиминирани од нисколигаши беа и Атлетико Мадрид и Реал Мадрид.

Дури и Барса се измачи со Корнелија во минатата недела кога дури по продолженија ја победи, после два промашени пенали во регуларниот дел, а овој нисколигаш го елиминира претходно Атлетико, додека „кралскиот клуб“ се посрамоти со Алјокано.

Последен пат кога Рајо Валјекано успеал да ја победи Барса е пред скоро две децении, на 7 декември 2002 година, во година кога двапати успеа да им земе мерка на Каталонците и да врзе два триумфи против нив, после првиот на 20 јануари истата година..