Димитриевски го положи тестот во Рајо – отсега ќе биде „единица“ во Ла Лига!

Македонската репрезентативна „единица“ Столе Димитриевски, кој летово направи трансфер во Ла Лига се изборил за прв избор за голман во својот нов тим Рајо Валјекано, откако го убедил тренерот Мичел дека е подобро голманско решение од Алберто.

„Унион Рајо“ е шпански портал блисок со „пчеличките“, па овој медиум пишува дека Димитриевски со четирите првотимски настапи го поминал „тестот“ кај Мичел, а самиот факт дека во петокот не примил гол со Еибар, кој претходно го наполни со три парчиња европскиот првак Реал Мадрид пресудиле за веќе извесно да биде – единицата на Рајо!

После десет меча по ред, Рајо првпат не прими гол со Еибар, а за Димитриевски тоа му беше трет меч во низа во Ла Лига по дебито со Вилјареал и пресметката со Валенсија на „Месталја“. Столе официјално дебитираше во Копа дел Реј со Легањес (2-2).

„Поранешниот голман на Гимнастик има четири меча како стартер и првите три меча не беа убедливи, но последниот со Еибар во петокот покажа дека тој е 'гаранцијата' дека Рајо ќе може да започне победнички од за да го напушти самото дно во Ла Лига. После овој настап, се поизвесно и поизгледно е дека Димитриевски ќе биде прв избор на Мичел на подолг рок“, пишува „Унион Рајо“.

Интересно, Димитриевски доби шанса да застане на голот на Рајо Валјекано во најтешкиот период, после невидените четири кикса за Македонија во октомври во Ереван, кога Македонија доживеа дебакл со 0-4 од Ерменија.