Челси може да сонува за титула, Манчестер сити славеше среде Лондон (ВИДЕО)

Дербито во првото коло меѓу Челси и Манчестер сити заврши со победа на актуелниот англиски шампион со 2-0 на „Стемфорд бриџ“.

Челси имаше добар почеток и му парираше на големиот ривал, но едно невнимание во одбраната беше казнето од Ерлинг Халанд во 18. минута.

Екипата на Енцо Мареска можеше да го возврати ударот, но ѝ беше поништен гол во 45. минута поради офсајд по прегледување на ВАР-снимката.

Мареска направи неколку промени во вториот дел со надеж дека конечно ќе ја пробие одбраната на „граѓаните“, но се случи спротивното и тоа повторно по грешка на домаќинот.

Фудбалерите на Челси му дозволија на Матео Ковачиќ да се „прошета“ и потоа да испрати одличен удар со кој ја затресе мрежата на Роберт Санчез.

Челси во следното коло гостува кај Вулвс, додека Манчестер сити ќе го пречека Ипсвич.