Челниците на Сампдорија добиле куршум во плико и смртни закани поради очајот сезонава!

Челниците на италијанска Сампдорија добиле писмо со куршум во него и смртна закана, откако бившиот италијански првак има ужасно лоша сезона и е претпоследен на табелата со многу тешка задача која го чека во следниот период за да обезбедат опстанок.

Сампдорија е девет бода од најблискиот ривал во трката за спас на сезоната, а навивачите на клубот не може да се помират дека после неколку сезони во кои беа при самото дно, сега може да дочекаат тотална пропаст.

Во клупските простории дошло писмо со празен куршум и порака: „Сега е празен, ама следниот пат ќе биде – вистински!“.

Непосредно пред да дојде писмото околу 70 ултраси на клубот протестираа против бившите газди на клубот, за кои сметаат дека се најодговорни за пропаста, но полицијата објави дека писмото со смртни закани не е поврзано со навивачкиот протест.

Клубот е во сопственост на контроверзниот Масимо Фереро, но тој во 2021 година мораше да се повлече од функцијата претседател откако беше уапсен за лажни банкроти со други фирми.

„Ако исчезне Сампдорија, вие семејствата Гароне-Мондиани ќе бидете главни виновници. Не барајте виновник во Фереро“, порачаа навивачите на клубот.