Араухо постигна гол за победа во 94. минута, колку да ги стави под тепих проблемите на Барса (ВИДЕО)

Иако се очекуваше лесна победа против Жирона, Барселона едвај дојде до трите бода против својот каталонски ривал.

На крајот славеше со 2-1, благодарение на голот на Роналд Араухо во 94. минута, кога веројатно сите навивачи на Барса се помирија со ремито и со тоа дека можеби ќе патуваат на „Бернабе“ со четири бода негатива во однос на Реал. Освен тоа што Хансо Флик не можеше да смета на голем број фудбалери поради повреди, изненадија некои негови одлуки, како оние при резултат 1-1 во второто полувреме, од игра да ги повлече Педри и Јамал кои беа најдобри поединци на мечот.

Токму Педри ја доведе Барса во водство со прекрасен гол во 13. минута, но само седум минути подоцна Витсел со уште поубав потег се погрижи за израмнување. До крајот на првото полувреме Жирона имаше уште три зицери, не само да дојде до водство, туку и да го нокаутира големиот ривал.

Во вториот дел Барса заигра нешто подобро, се редеа акциите пред голот на Жирона, ама до гол не дојде. Во 64. минута на клупа заминаа Педри и Јамал, Барса заигра без напаѓач бидејќи претходно беше повлечен и Фернандез, па мораа дефанзивците да се преселат на противничката половина. При една таква ситуација, Де Јонг се проби по десната страна, нафрли по земја на петерецот, а таму се најде Араухо за да ја испрати топката во мрежата, за голема победа на Барса која ќе ги покрие, барем привремено, големите проблеми во кои се наоѓа овој тим.

Идниот викенд Барселона ја очекува првото Ел Класико оваа сезона, а на него, освен тоа што ќе биде без голем број стандардни играчи, нема да биде предводена ни од тренерот Ханси Флик кој во финишот доби црвен картон и му следува барем еден меч суспензија.