
Тиквеш со уште еден пораз ја заврши европската приказна за оваа сезона
Кавадарчани минатата недела беа поразени во Истанбул со 11 разлика и шансите за пресврт во возвратниот дуел беа сведени на теорија, но барем се обидоа достојно да се простат од европските натпреварувања. Во првото полувреме долго се наоѓаа во водство, на моменти и со четири гола разлика (8-4), но не можеа да го издржат темпото.
Бешикташ во финишот од полувремето се доближи на само еден гол негатива (8-9), на голем одмор се замина со 10-8 за нашиот претставник, а Тиквеш се наоѓаше во предност до 51. минута кога беше 18-17. Турците со два гола потоа го свртеа резултатот во своја корист, нешто подоцна постигнаа уште два и на околу три минути пред крајот беше 21-19 за Бешикташ. Тиквеш се обиде да се избори барем за нерешен резултат, но не успеа во својата намера.
Најдобар играч во домашниот тим беше црногорскиот интернационалец Балша Чејовиќ кој постигна шест гола, Богдан Мијушковиќ постигна пет, но се истакна и голманот Василије Печурица со 16 одбрани. Бабаџан го предводеше Бешикташ со седум гола, но мора да се истакне дека порди високата победа на првиот меч, турскиот тим не ја користеше својата најголема ѕвезда Седрик Сорендо, како и првиот голман Матеј Ашанин. Тој имаше достојна замена во Енис Јаткин, кој како и Печурица, одбрани 16 шута.