
Барса во нов проблем: На Флик му се заканува суспензија до осум натпревари
Причина за тоа е црвениот картон што го доби денеска на дуелот против Жирона, но и начинот на кој ја прослави победата, односно победничкиот гол на Араухо во судиското продолжение. Во својот извештај главниот судија Хесус Хил Мансано напишал дека првиот жолт картон на Флик му е покажан „бидејќи по една судиска одлука саркастично аплаудирал“ за веднаш потоа „непримерно гестикулирал поради првиот жолт картон“, па му е покажан уште еден и е испратен во соблекувална.
Да останеше на тоа, веројатно Флик ќе добиеше суспензија на еден натпревар, но по голот на Араухо тој непристојно гестикулираше и тоа му прави нови проблеми. Шпанските медиуми тврдат дека поради тоа му се заканува суспензија меѓу четири и осум натпревари што ќе биде голем проблем за Барселона во натамошниот дел од сезоната.
Во својата изјава по натпреварот, Флик прво рече дека не знае зошто го добил вториот жолт картон, а потоа посочи дека неговата прослава на голот не била упатена никому, туку е чиста емоција.