Алегри од јуни не работи, ама и понатаму е поплатен од Сари во Јувентус

Беа одиграни околу 15. кола во најсилните европски лиги сезонава, а веќе неколку тренери си добија откази, меѓу кои најзвучни имиња се Маурицио Покетино и Унај Емери.

Поранешниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри се поврзува со тренерското место во двата клуба, но на крајот лондонските екипи добија негативен одговор од Италијанецот.

Тоа значи дека Алегри сè уште добива плата од Јувентус. Тој помина пет години како тренер на „Старата дама“ и ќе добива пари додека не му заврши договорот.

Искусниот стратег заработува нето плата од 7,5 милиони евра годишно, додека неговиот наследник на кормилото, Маурицио Сари добива два милиони евра помалку.

Алегри се очекува да се врати на работа следната сезона, а засега обложувалниците сметаат дека ќе биде тренер на Манчестер јунајтед.