Вардар ќе го суспендира Мато, трансферот во Хартс може да се изјалови?!
Шкотски Хартс пред извесно време испрати понуда до Вардар за откуп на договор на Мато, но скопјани истата ја одбија. Подоцна, стаса и нова, финансиски побогата, но во меѓувреме црвено-црните на официјалниот веб сајт објавија дека откупната клаузула е 1,5 милиони евра.
Следуваше понуда од турски Трабзонспор, последно беше дека на адресата на Вардар пристигнаа уште побогати наддавања и од кипарски Пафос, но и од клуб од американската МЛС лига и тоа додека Мато со неговата репрезентација Уганда учествуваше на Африканското првенство.
За потоа да се случи денешниот шок - Хартс го претставува Мато како најново засилување, но од јули 2026. Што е многу чудно за фудбалски услови, затоа што само во ракометот досега, но и сѐ уште е практика засилувањата да се претставуваат дури и две години однапред. Во практика, многу аматерски потег на островјаните...
Симптоматично е дека токму во овие денови Вардар целосно го губи контактот со Мато, за кој последно се знае дека е во Уганда на одмор по првенството кое беше во Мароко. Африканецот требаше да патува со клубот на подготовки во Анталија (неговите соиграи се веќе таму), но двете авионски карти кои клубот му ги испратил на фудбалерот за лет до Анталија - пропаднаа. Не се знае дали Мато воопшто сака да се врати во клубот чиј член е до јуни 2026 или пак тој сега се обидува да делува психолошки и да го притисне Вардар да му даде одврзани раце порано.
Тоа што е сигурно, како што дознаваме, е дека Вардар ќе го суспендира Мато поради недисциплина и отсуство на комуникација, а ако таа суспензија ја потврди и ФФМ, губат сите - и Вардар, кој ќе го загуби најдобриот играч во борба за титулата, губи и Мато, кој нема да смее никаде, во ниту еден друг професионален клуб ниту да тренира... А најмногу ќе загуби Хартс, кој во јули може да добие скапо платено, но тотално „издишано“ засилување, без ниту еден меч и тренинг во нозете во последните шест месеци.
И покрај тоа што се шпекулираше дека договорот на Мато со Вардар е продолжен, единствен активен договор на фудбалерот од Уганда и лидерот во македонското првенство е тој што завршува во јуни 2026 година.