Мато потпиша за Хартс, Вардар остана со празни раце!

Ѕвездата на Вардар, најдобриот фудбалер во Првата македонска фудбалска лига, Роџерс Мато од следната сезона ќе настапува за Хартс, шкотскиот клуб го потврди трансферот.

Неодамна Хартс испрати понуда од 350.000 евра за да го купи Мато од Вардар, но македонскиот клуб ја одби. Наводно била одбиена и понуда од 500.000 евра со која Шкотите се вратиле и се обиделе да го купат вардаровиот фудбалер.

Од Вардар тврдеа дека Мато не е на продажба, но неговиот договор истекува по крајот на сезоната, па играчот од јануари може слободно да преговара за трансфер во друг клуб.

Мато тоа и го направил, се договорил со Хартс да се пресели кај нив по истекот на сезоната кога му престануваат обврските кон Вардар.

„Со задоволство можеме да соопштиме дека постигнавме договор со репрезентативецот на Уганда, Роџерс Мато кој од летото ќе стане фудбалер на Хартс“, се вели во соопштението на лидерот во шкотското првенство.

Вардар пред извесно време дури и соопшти дека става откупна клаузула за Мато од 1,5 милиони евра, но на крајот го загуби фудбалерот бесплатно.