Виери сигурен: Еспозито ќе биде најдобар стрелец на Италија
Кристијан Бобо Виери е воодушевен од потенцијалот на Франческо Пио Еспозито и верува дека младиот напаѓач на Интер во иднина може да го испише најголемиот голгетерски рекорд во историјата на италијанската репрезентација.
Еспозито има само 21 година, но веќе постигна десет гола на 15 натпревари за „аѕурите“. Со таквиот почеток сериозно се наметнува како кандидат да го загрози рекордот на легендарниот Џиџи Рива, кој во националниот дрес постигна 35 погодоци на 42 средби. Виери, кој со 23 гола е меѓу десетте најдобри стрелци во историјата на италијанската селекција, смета дека Еспозито има квалитет да го надмине легендарниот Рива. Притоа, направи и споредба со поранешниот италијански репрезентативец Лука Тони.
„Игра многу добро. Би го споредил со Тони. За неколку години ќе го урне рекордот на Џиџи Рива и ќе стане најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата. Добар е, сака да напредува и игра со многу квалитетни фудбалери. Тоа е многу позитивно“, изјави Виери.
Во дресот на Интер, Еспозито исто така има одлична сезона. На 15 настапи досега постигна седум гола и забележа две асистенции, за вкупно 856 минути на теренот. Доколку продолжи со вакво темпо и добие континуитет во репрезентативниот состав, пред него навистина може да се отвори можност за историски дострел. Виери, очигледно, верува дека Италија го добила напаѓачот кој може да го надмине еден од најголемите голгетери во нејзината историја.