Уште еден англиски гигант се вклучува во трката за потписот на Нико Паз

Арсенал сериозно се вклучи во борбата за потписот на аргентинскиот талент Нико Паз, кој со одличните настапи за Комо го привлече вниманието на најголемите европски клубови. Лондонскиот тим веќе воспоставил контакт со претставниците на фудбалерот и неколкупати испраќал скаути да го следат во живо.

Паз е една од најголемите сензации во италијанскиот фудбал. На 22 години, офанзивниот играч за врска се наметна како клучна фигура во тимот на Сеск Фабрегас, а неговите настапи не останаа незабележани ниту во Премиер-лигата.

Според објавените информации, Арсенал го гледа како сериозна опција за летниот преоден рок во 2027 година. Микел Артета верува дека Аргентинецот може да донесе дополнителна креативност во нападот и да се вклопи во тимот покрај капитенот Мартин Одегард. Сепак, „топ;иите“ нема да имаат лесна задача. Манчестер Јунајтед исто така е заинтересиран за Паз и го разгледува како потенцијално долгорочно решение за офанзивната позиција зад напаѓачот. Интересно е што аргентинскиот фудбалер веќе му создаде големи проблеми на Јунајтед оваа сезона, постигнувајќи два гола и запишувајќи асистенција во победата на Комо од 4-1 во меѓусебниот дуел во Лигата на шампионите.

Манчестер Јунајтед во моментов не е првата опција на Паз. За Аргентинецот е особено важно да настапува во Лигата на шампионите, па евентуалниот пласман на англиските клубови во елитното натпреварување може да има големо влијание врз неговата одлука.

Во целата ситуација важна улога има и Реал Мадрид. Шпанскиот гигант има клаузула со која може да го врати Паз за 80 милиони евра во летото 2027 година. Комо минатото лето го откупи неговиот договор за 60 милиони евра, но Мадрид ја задржа можноста повторно да го ангажира.

Паз оваа сезона има шест гола и осум асистенции на 16 настапи во сите натпреварувања. Неговата иднина станува една од најинтересните трансфер-приказни за следното лето, а Арсенал и Манчестер Јунајтед веќе се подготвуваат за битка во која последниот збор ќе го има и самиот фудбалер.