Уште еден фудбалер на Беса доби - доживотна суспензија!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) информираше дека уште еден фудбалер на Беса доби доживотна суспензија откако до нив пристигнал нов доказен материјал за инцидентот во Слупчане.

ФФМ претходно информираше дека двајца играчи на Беса се доживотно суспендирани, а на теренот на Слупчане десет месеци нема да може да се игра фудбал.

Од фудбалската федерација сега информираат дека уште еден играч на Беса неславно ќе ја заврши кариерата.

„Дисциплинската комисија во рамки на ФФМ, информира дека по обезбедувањето на нов доказен видео материјал во дисциплинската постапка против ФК Беса Слупчане, а поради направениот инцидент на одиграниот натпревар ФК Беса – ФК Аеродром 2018, натпревар од 8. коло од Трета лига – Север, утврдено е дека во инцидентот учествувал и домашниот фудбалер, Бехар Демири.

Против наведениот играч ќе биде изречена дисциплинска санкција – исклучување од фудбалската организација (доживотна суспензија).

Дисциплинскиот комесар на Трета лига – север ги повикува сите лица кои располагаат со видео или друг релевантен доказен материјал поврзан со инцидентот, истиот да го достават за потребите на дисциплинската постапка.

Фудбалската федерација на Македонија повторно најостро го осудува секој облик на насилство на спортските терени и ќе продолжи со бескомпромисна примена на дисциплинските прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот“, се вели во соопштението на ФФМ.