Реализиран уште еден инфраструктурен проект на Министерството за спорт – Дебар доби современ простор за спорт и рекреација
Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, реализирана во соработка со Општина Дебар, граѓаните на овој град добија современ, функционален и безбеден простор за спорт и рекреација.
Во рамки на овој спортски комплекс, изградено е ново фудбалско игралиште, како и терени за кошарка и одбојка со полипропиленски под, кои овозможуваат користење во текот на целата година.
Министерот Ристовски истакна дека вложувањето во спортската инфраструктура во сите региони на државата е еден од приоритетите на Министерството за спорт, со цел обезбедување еднакви можности за сите млади да спортуваат во современи услови.
-Со ваквите проекти покажуваме дека спортот не е привилегија само на големите градови. Нашата заложба е секое дете, секој млад спортист и секој граѓанин да има пристап до уредени спортски простори во својата општина - изјави министерот Борко Ристовски.

Заменичката на министерот за спорт, Сафије Садики Шаини ја истакна важноста на овие спортски проекти за локалните жители и најави и нови инвестиции.
-Ова е само почеток. Ние во соработка со Општина Дебар ќе реализираме и многу други спортски проекти. Изразувам голема благодарност за министерот за спорт за работата што ја прави и голема благодарност за жителите на Дебар за убавиот пречек - рече Сафије Садики Шаини.
Реконструкцијата на спортскиот центар во Дебар е дел од програмата на Министерството за спорт за унапредување на локалната спортска инфраструктура, преку која досега се реализирани повеќе од 40 проекти низ целата држава.
