Македонскиот првак Струга го освои Штип, иако го заврши мечот со девет фудбалери, лидерот Шкендија падна во кратовската драма и нема повеќе непоразен тим во македонската елитаа најтрофејниот клуб Вардар и со фудбалер повеќе загуби во Кавадарци од Тиквеш, во ова седмо коло од домашната Прва лига.

Иако имаа два фудбалери помалку во „фестивалот на исклучувања“ во Штип, Струга победи со 3-1 против Брегалница во мечот кој понуди ист број на голови и црвени картони, два за првакот и еден за домаќините, па стружани дојдоа до трета победа во четвртиот свој меч во оваа сезона.

Пресуди голот на Бесарт Ибраими во 57-та минута, само една откако давид Калпачки израмни на мечот после водството од шестата минута на гостите преку Бесмир Бојку. Бесарт Кривањева во првиот дел беше исклучен кај Струга, па Халид Лвалива кај Брегалница во првиот дел, а потоа Бојку предвреме испратен во соблекувалната, но фудбалетот повеќе штипјани не го искористија, за на крај во 93-та минута да примат и трет гол во поразот

Кратово секогаш било незгодно за Шкендија, која имаше само една победа во последните пет меча, па и денеска тетовци се сопнаа во трилер-завршницата за триумф на Силекс со 2-1, колку да потврдат кратовци дека и сезонава ќе играат важна улога во прволигашката конкуренција.

Марјан Ристовски во првиот дел промаши пенал со смешна Паненка, но Стефан Милосављевиќ донесе предност во првата третина од второто полувреме, а сѐ до самата завршница резултатот остана непроменет, за потоа да следи драма. Клисман Цаке четири минути пред крајот израмни, а само што почна судиското надополнување, Стефан Лазаревиќ со прекрасен удар донесе голема победа за 12 бода за кратовци.

Шкендија остана на 13-те, колку и Брера, која вчера минимално загуби од Шкупи на Чаир со 0-1.

Тиквеш во Кавадарци го победи Вардар со 1-0 прекрасен гол на Едис Спахиу на 14 минути пред крајот на мечот, за најтрофејниот клуб да остане претпоследен во стоминутната пресметка со многу борба, но и прекрасни шанси во кои трипати беше погодена рамката од голот, а црвено-црните не ја искористија предноста од фудбалер повеќе.

Тиквеш за нијанса беше подобар повеќе од еден час, направи низа шанси, имаше Вардар свои, најголемата преку Лука Трајковски во првиот дел, па седум минути во вториот Даниел Карчески беше исклучен и сѐ најавуваше дека скопјани ќе може да дојдат и до три бода.

Ама наместо Вардар да притисне, Тиквеш и со фудбалер повеќе беше далеку подобар, во две минути погодија дирек (Миле Тодоров), па пречка (Спахиу), а потоа Дејан Цветановски имаше пречка за водство на Вардар. И кога малку се стиши бурата со неколкуте извонредни шанси, следеше бомбата на Спахиу која реши сѐ во 76-та минута.

Работнички по три меча без победа, ја победи Воска Спорт со 2-0 за да се врати на победничкиот колосек и да дојде до 10 бода, за место во првата половина од прволигашката конкуренција со сигурниот триумф попладнево на Националната Арена, трета за дебармаалци во досегашната сезона.

Капитенот Крсте Велкоски го гол од пенал и Гандо Биала во 59-та минута на Работнички му обезбедија сигурен триумф.

Сигурен триумф запиша и Македонија ЃП, за да ја прекине кризата после четири меча без победа, па денеска во Ѓорче Петров, „лавовите“ со по еден гол во двете полувремиња дојдоа до победата против фенерџијата Гостивар со 3-0, за да излезат од опасната зона за бараж и испаѓање по оваа седма рунда.

Величковски по седум минути погоди за водство, капитенот Мишевски од пенал девет минути пред крајот ја обезбеди победата, а Илиевски во судиското надополнување ја запечати.

ПРВА ЛИГА, 7. КОЛО

Тиквеш – Вардар 1-0 (0-0)

Спахиу 76

Брегалница – Струга 1-3 (0-1)

Калпачки 56 - Бојку 6, Ибраими 57, Ефионг 90

Силекс – Шкендија 2-1 (0-0)

Милосављевиќ 58, Лазаревиќ 90+1 – Цаке 86

Македонија ЃП – Гостивар 3-0 (1-0)

Величковски 7, Мишевски 81 п., Илиевски 90+1

Работнички – Воска Спорт 2-0 (1-0)

Велкоски 31 п., Гандо Биала 59

ВЧЕРА

Шкупи – Брера 1-0 (0-0)

Абази 69

ТАБЕЛА: Шкендија 13 (6), Брера 13 (7), Шкупи 12 (7), Силекс 12 (7), Тиквеш 10 (7), Работнички 10 (7), Струга 9 (4), Брегалница 9 (7), Македонија ЃП 8 (7), Воска Спорт 7 (8),Вардар 4 (6), Гостивар 3 (7).