Собранието на ФФМ каша - попара: Шукер откажал, а за првпат во историјата не е поканет член од АМС!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска на Собранието во хотелот „Горица“ во Охрид треба да ги изгласа статутарните промени со кои треба да се „расчисти патот“ за избор на наследник на досегашниот прв човек Илчо Ѓорѓиоски, но уште на старт ова Собрание почна наопаку, зашто на истото нема претставници од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Првпат во историјaта се случува претставници на АМС да не дојдат на едно Собрание на ФФМ, само затоа што тие не биле уредно поканети за да се појават на Собранието во Охрид. Само за потсетување, претставници на АМС, секојпат има на Собранијата на Општинскитете сојузи (ОФС). На седницата на највисокиот законодавен орган покрај тие од АМС доаѓаат и претставници на УЕФА. Денеска не е присутен Хрватот Давор Шукер кој секојпат бил поддршка на ова раководство, а како негова замена е анонимниот Денис Бастари.

„Покана од ФФМ за присуство на Собранието нема стигнато до вчера до 16.30 часот. Беше предвидено да одат претставници на АМС, ама без покана не може да одат. Одење без покана на Собрание е исто како да се мешаме во работите на федерацијата“, велат од АМС.

Денеска во Охрид треба да се донесат измените на статутот на ФФМ, со кои божем се отвора полесно процесот на кандидатура на заинтересираните за најпосакуваната функција во спортските организацији. А реалноста е дека се носи Статут со кој тотално се затвора можноста некој однадвор да се кандидира за наследник на Илчи Ѓорѓиоски.