Пук(н)а тиквата во Вардар: Плата добиле само Аргентинците, останатите се пред штрајк!?
Затоа и фудбалерите негодувале и сакале да го бојкотираат дуелот со Пелистер, затоа беше и очигледната нервоза кај црвено-црните поединци, кои неофицијално најавуваат дека колективот е блиску и до штрајк.
Тренерот Гоце Седлоски некако ги убедил да излезат на терен во Битола, но според информациите, тоа е последен обид да се задржи нешто што веќе се распаѓа, особено што не може шефот на струката да гаси пожар што го запалила управата.
Завчера објавивме дека црвено-црните играат три месеци без плата, им се должат десетици илјади евра неисплатени премии, а од тие што треба да го раководат клубот има - целосен молк.
Сепак, најсрамниот дел од приказната не е ни доцнењето, туку неправдата, затоа што додека домашните играчи чекаат, се снаоѓаат и трпат, аргентинските фудбалери си ги добиле парите навреме, целосно и без доцнење.
И мислејќи дека тоа важи за сите, самите Аргентинци се пофалиле дека им е сѐ исплатено. Во соблекувалната, пред соиграчи кои со месеци не земале денар.
Дури и во кризата на Вардар додека беше второлигаш немаше толку лош менаџмент и понижување. Порака дека едни вредат, а други не, порака дека во македонскиот гигант нема принципи, туку привилегирани и оттурнати. А таков тим не може да постои, а камоли да победува.
И тука директно се поставува прашањето за улогата на Миленко Неделковски. Кој ја носи оваа одлука? Кој дозволува да се создава „аргентински клан“ во соблекувалната? И уште пострашно, кој дозволува играчите да се делат на „подобни“ и „неподобни“?
Според информациите што ги добивме, поделбата станува брутална. Едни „кодошат“ и се надеваат на место во стручен штаб, други (аргентинскиот круг) се заштитени и исплатени, а третите, ем си ја бараат заслужената плата, ем се за тоа казнувани.
Пред натпреварот со Шкендија, дел од играчите биле санкционирани со по 2.500 евра. Не поради дисциплината или поради односот, туку затоа што го барале тоа што им следува - плата за сработеното.
Излегува дека во Вардар нема само финансиски проблем, туку дека се врши системско понижување и рушење на тимот одвнатре. Играчите се во апсурдна ситуација - да избираат страна, да калкулираат кому да веруваат, наместо да мислат на фудбал.
Откако оваа криза излезе на виделина, се дозна дека не било сѐ така „розево“ и претходно. Подготовките во Анталија, за кои биле потрошени големи пари, имале катастрофална организација, а се случувало некои играчи да бида бркани од терените. Што значи дека сегашнава криза имала увертира дури од тогаш.
Клуб како Вардар не смее да функционира на принцип „некој глуми газда“. Ако постои хиерархија, таа мора да биде јасна. Ако не, хаосот е неизбежен.
Организациското дно е допрено, ако некој веднаш не понесе одговорност, следното ќе биде уште полошо - целосен колапс. Вардар сега не тоне поради резултати, туку поради луѓе што го водат без одговорност, без визија и без најважното - елементарна правичност.
Најголемата штета не е само во бодовите или резултатите. Штетата е во рушењето на довербата, меѓу играчите, кон управата и кон целиот систем. А кога еднаш ќе се изгуби довербата, многу потешко се враќа отколку што се губи.